Organization

ФИЛОЗОФСКО ДРУШТВО НА МАКЕДОНИЈА

 

Филозофското друштво на Македонија (ФДМ) е здружение на граѓани посветено на промоцијата на филозофијата и нејзиното изучување во Република Македонија. Здружението е формирано во 1956 година, а во својот сегашен облик постои од 2003 година. Оттогаш ФДМ има реализирано голем број проекти и остварено бројни соработки со институции и здруженија на проекти од областа на филозофијата, како и проекти од интердисциплинарен карактер. Организирани се голем број на филозофски средби, трибини, научни собири, симпозиуми и културни манифестации од кои посебно ги издвојуваме дводневниот симпозиум посветен на Имануел Кант (Битола, јуни 2004), Регионалната конференција на асоцијацијата на филозофите на Југоисточна Европа во 2007 чиј домаќин беше ФДМ, традиционалниот Меѓународен философски дијалог Исток – Запад, (Скопје – Св.Николе/Битола – Охрид) во заедничка организација со Македонската академија на науките и уметностите и Меѓународниот славјански универзитет „Г. Р. Державин“.

Здружението од 2006 година е член на меѓународната организација на филозофски друштва – FISP (Fédération Internationale des Sociétés de Philosophie), а се јавува и како издавач на две филозофски списанија: Филозофија и Филозофска трибина (првото меѓународно, а второто домашно/локално профилирано). Првото македонско филозофско списание Филозофска трибина во 2014 и 2015 година беше финансиски поткрепено од Министерството за култура на Република Македонија.

Една од главните активности на Друштвото од 2004 година е и организацијата на научни собири и симпозиуми по повод Светскиот ден на филозофијата којшто беше востановен од УНЕСКО во 2002 година и којшто се прославува насекаде низ светот. Во рамките на Светскиот ден на филозофијата во Македонија се организирани симпозиуми и научни собири посветени на мислители како Џорџ Беркли, Георг Вилхелм Фридрих Хегел, Огист Конт, Артур Шопенхауер, Дејвид Хјум и Чарлс Дарвин, но и научни конференции со проблемски определена тема: „Филозофијата и македонскиот јазик“, „Филозофијата на крстопат: аналитичка и/или континентална филозофија“, „Филозофијата денес“, „Филозофијата и образованието“, „Филозофија и политика“, „Филозофијата и современоста“ како и овогодишниот симпозиум „Философијата и мирот“ (Филозофското друштво на Македонија секоја година објавува број на Филозофска трибина со темат од симпозиумите). Покрај ова, Друштвото организира и бројни промоции на книги, разни предавања од областа на филозофијата и е континуирано посветено на промовирањето на филозофските вредности и култура во Македонија.

Од бројните институции и организации со коишто Друштвото има соработувано ќе ги споменеме: Македонската академија на науките и уметностите, Францускиот институт во Скопје (Месец на француската филозофија и Филозофскиот Филмски Фестивал), Гете институтот Скопје (Месец на германската филозофија), Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (Месец на источната филозофија), Британската амбасада (Месец на британската филозофија), Здружението на класични филолози „Антика“ (неколку интердисциплинарни и меѓународни симпозиуми), ЕУ Инфо Центар во Скопје, Факултетот за музички уметности, Православниот Богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, МСУ „Гаврило Романович Державин“ – Свети Николе-Битола, како и долгогодишната плодна соработка на Друштвото со Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје.

Од 2014 година, во договор со основачите на Филозофскиот Филмски Фестивал, Филозофското друштво на Македонија го зема под своја закрила Фестивалот и тој оттогаш се организира како културна манифестација на Друштвото. Во рамките на ФДМ функционира Комисија за филозофија и филм (координатор: Ана Дишлиеска-Митова), чиј тим го претставува Организацискиот одбор на Фестивалот задолжен за негова успешна реализација.

За дополнителни информации или доколку сакате да станете член на Филозофското друштво на Македонија обратете се на: macedonian.philosophy@gmail.com

СВЕТСКИ ДЕН НА ФИЛОЗОФИЈАТА 2019,
симпозиум на тема: Човекот како мера: 2500 од раѓањето на Протагора
21.11 (четврток), 9:30 ч.

Read more

Трибина на тема „Философијата и книжевните жанрови“ и Работилница „Зборови, сенки, идеи...“

Read more

Промоција на Зборникот „CHRONOS и KAIROS: Античките концепти за времето“

Read more

Проф. д-р Џулијано ди Бернардо на тема: „Етичката криза на човештвото и на цивилизациите“

Read more

Трет интернационален филозофски дијалог „Исток-Запад“

Read more

Светски ден на филозофијата 2017, симпозиум „Филозофијата и мирот“

Read more

Предавање „За основите на етиката на Св. Климент Охридски“ со д-р Дејан Донев

Read more