Project

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

 

Филозофскиот Филмски Фестивал (ФФФ) е единствениот филмски фестивал во Македонија и регионот кој се одвива на крстопатот помеѓу филозофијата и филмот, и еден од ретките во светот коишто делуваат во областа на филм-философијата. Од една страна, Фестивалот се обидува да ја промовира идејата за филмот како медиум што може да испровоцира филозофска размисла и/или да илустрира филозофски концепти и идеи, на овој начин обраќајќи и се на генералната публика, но и на младите во Македонија поттикнувајќи го развивањето на креативната и критичка мисла. Од друга страна, се обидува да поттикне естетички анализи и истражувања на филмскиот јазик како форма sui generis и да ги охрабри младите режисери и филмски работници во Македонија на рефлексија врз клучните филозофски прашања и концепти со цел градење, развивање и негување на своите автентични филмски светогледи.

Филозофскиот Филмски Фестивал (ФФФ) е културна манифестација на Филозофското друштво на Македонија (ФДМ). Овој трансдисциплинарен проект е организиран во соработка со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Кинотеката на Македонија, Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, Младински културен центар – Скопје, и од оваа година Институтот за филм – Филмска академија Охрид (ФИОФА) и Факултетот за драмски уметности. Во 2017 година се одржа првото интернационално издание на Фестивалот, поддржано од Град Скопје (по втор пат), Агенцијата за филм на Република Македонија и програмата за поддршка на граѓанското општество Цивика мобилитас на Швајцарската агенција за развој и соработка. Фестивалот има остварено соработки и со Францускиот институт во Скопје (2016), Турскиот културен центар „Јунус Емре“ (2016) и Германската амбасада во Скопје (2017).

Главна инспирација на Фестивалот се препораките на УНЕСКО за филозофијата како „дисциплина која го охрабрува критичкото и автономно размислување и е способна за подобрување на разбирањето во светот и промовирање на толеранцијата и мирот“ (Ирина Бокова, поранешен Генерален директор на УНЕСКО), или прегнантно во фразата од една од публикациите на УНЕСКО – филозофијата како училиште на слободата. Во оваа смисла, Фестивалот го промовира дијалогот и ги развива (од најрана возраст) креативното мислење и критичката рефлексија, токму преку непосредноста на медиумот на филмот и неговиот визуелен јазик. Истовремено, ФФФ работи на филмската писменост како суштински дел од образованието и културата, насочувајќи го вниманието кон филмови коишто можат да инспирираат и провоцираат промена во перцепцијата, да покажат начин како да се види, а не само да се гледа. Токму на овој мост меѓу филозофијата и филмот, Филозофскиот Филмски Фестивал го наоѓа својот дом, како и предизивикот постојано да се унапредува областа на филм-философијата и да се најде нејзина практична апликација во допирот со публиката.

ФФФ започна како студентска иницијатива во 2010 година на Филозофскиот факултет во Скопје во обидот да се создаде креативен неформален простор за размена на идеи меѓу студентите; во 2014 беше земен под закрила на Филозофското друштво на Македонија како негова годишна културна манифестација; во 2015 година за прв пат се организира во Кинотеката на Македонија; а од 2017 година прераснува во интернационален филмски фестивал. Во 2018, од 12-19 април, ќе се одржи 8. Филозофски Филмски Фестивал, во неговото второ интернационално издание.

Историјат на Фестивалот

Почетоците на Фестивалот во 2010 година беа на Институтот за филозофија каде група студенти се среќаваше секој четврток во текот на една година во библиотеката кадешто заеднички се гледаа филмови од великаните на филмската уметност како Тарковски, Бергман или Куросава, филмови со филозофски релевантна содржина, документарни филмови на различни теми од филозофијата, а се одржа и ноќ на кратки филмови. Овој едногодишен филмски маратон заврши со незаборавното предавање на професорот Стефан Сидовски кој говорејќи на тема Филозофија и филм исполни цел амфитеатар со својата публика. Кон крајот на 2011 год. се случи второто, овој пат видоизменето издание на Фестивалот – три или четири фестивалски вечери заокружени со предавањето на м-р Данијела Петрушева-Андова од областа на индиската филозофија. Третото издание на Фестивалот во пролетта 2013 година се случи по едногодишна пауза поради која ова издание беше симболично именувано The Return Of The Owl. Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје стана епицентар на креативната и критичка мисла инспирирана од теми за биоетиката, дистинкцијата сон-јаве, филозофијата за деца, или егзистенцијализмот и феминизмот – предавање коешто беше одржано од Раководителот на Институтот за филозофија проф. д-р Иван Џепароски по прикажувањето на филмот Les Amants du Flore за животот и делото на Симон де Бовоар и Жан-Пол Сартр. Четвртото издание на Фестивалот – Букет мисли беше ориентирано кон филозофијата на филмот обработувајќи дела на филмските корифеи Тарковски, Ханеке и Линч, овој пат подготвено од страна на младите истражувачи во филозофијата и, во исто време, страстни љубители на филмот.

Во април 2015 година Фестивалот го одбележа својот петти роденден и, по овој повод, јубилејното издание на Фестивалот се одржа во Кинотеката на Македонија. На ФФФ 2015 за прв пат се оствари соработка со Кинотеката на Македонија којашто, покрај Филозофскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ станува втора партнерска институција на Фестивалот. Фестивалот се одржа во четири фестивалски денови, а програмата беше конципирана во два сегменти: Главна програма и Придружна програма. Во рамките на главната програма публиката ја имаше ретката можност на отворањето на Фестивалот да ја погледне првата македонска комедија – филмот Мирно лето (1961) на Димитрие Османли во кинотечно издание на филмска лента од 35 mm. По проекцијата следуваше експозе на проф. д-р Иван Џепароски насловено „Комичното во македонскиот филм: Мирно лето“, а на крајот од настанот се одржа и мал коктел за гостите проследен со филмска музика. Втората фестивалска вечер беше резервирана за Ларс фон Трир и контроверзниот Антихрист. По проекцијата на филмот, доц. д-р Ристо Солунчев одржа кусо предавање на тема „Фон Трир и поетиката на распаѓањето“ по што следуваше дискусија со публиката. Последниот фестивалски ден започна со мастерклас со нашиот познат и признат режисер (и филозоф) – Игор Иванов Изи во рамките на кој се проектираше и неговиот краткометражен филм Бубачки, а во вечерните часови Фестивалот беше заокружен со култниот Рашомон на јапонскиот режисер Акира Куросава и со доц. д-р Стефан Сидовски од ЕСРА кој заеднички со публиката ја водеше „Потрагата по вистината во филмот Рашомон. Покрај главната програма, во рамките на Фестивалот се одржа и работилница за студенти насловена „Времето како филозофска димензија на филмот“ со Стефан Палитов и Тијана Петковска во која на студентите им беше предочена суштественоста на времето во креирањето на седмата уметност. Како заокржување на петтите фил(м)ософски одисеи, во месец мај на иницијатива на првиот македонски филозофски портал „Акиндин“ се организираше еднодневно фил(м)ософско дружење во градот под Марковите кули каде Сидовски ја продолжи потрагата по вистината заедно со прилепската публика. Со овој настан се заокружи петтото јубилејно издание на Фестивалот.

Шестото издание на Фестивалот – Филозофски Филмски Фестивал 2016 година започна со уште поголема амбиција, да се оствари соработка со сите заинтересирани страни во Македонија од областа на филозофијата и филмот. Имено, Филозофскиот Филмски Фестивал и Филозофското друштво на Македонија влегоа во соработка со Универзитетот за аудиовизуелни уметности – Европска Филмска Академија Париз-Скопје-Њујорк (сегашна ЕФТА) која станува соработник на фестивалот и со ова се отвори мостот помеѓу филозофијата и филмот во Република Македонија. Исто така, на шестото издание на фестивалот беше збогатена едукативната програма со проширување на овој сегмент вклучувајќи ја средношколската популација. Фестивалот оствари соработка со четири скопски гимназии (СУГС Гимназија „Орце Николов“, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, СУГС Гимназија „Никола Карев“ и СУГС „Георги Димитров“) и, на иницијатива на професорка по филозофија од Гевгелија, со една гимназија од Гевгелија (СОУ „Јосиф Јосифовски“). Учениците имаа можност да изгледаат видео лектира – Големиот диктатор (1940) на Чарли Чаплин, а потоа под менторство на своите професори да изработат есеј на тема „Големиот диктатор – Слободниот човек во неслободно општество“. Есеите беа дел од Конкурсот за најдобар средношколски филмософски есеј и трите првонаградени есеи на церемонијата на доделување награди пред почетокот на фестивалот добија едногодишни стипендии од ЕФТА, финансиски награди од Град Скопје, филозофска литература од издавачката куќа „Аз-Буки“, филозофски списанија од ФДМ и подарок ДВД-а со македонски филмови од Кинотеката на Македонија. Истата година за прв пат како дел од Работилницата за студенти насловена „Од идеја до премиера“ со режисерката Ана Опачиќ беше објавен Конкурс за најдобар краток студентски филм и наградениот филм беше претставен пред публиката на затворањето на фестивалот – ‘Realis’ на Андреј Богатиноски. Победничкиот есеј беше објавен во списанието Филозофска трибина во тематoт „Филозофија и филм“ издаден во пролетното издание од 2017 година.

Како дел од Главната програма на ФФФ 2016 беа оддржани три проекции во Кинотеката на Македонија. Првата, Еден маж и една жена (1966) на Клод Лелуш во соработка со Францускиот институт – Скопје. Излагање на тема „Едноставно: еден маж и една жена“ имаше проф. д-р Денко Скаловски од Институтот за родови студии при УКИМ. Втората проекција беше Касаба (1997) на светски познатиот турски режисер Нури Билге Џејлан. Проекцијата беше организирана во соработка со Турски културен центар „Јунус Емре“ – Скопје, а предавач беше д-р Дејан Здравков со експозе на тема „Чехов во Анадолија – изградба на една поетска фабула“. Третиот и последен настан од Главната програма беше проекцијата на култниот 12 гневни луѓе (1957) на Сидни Ламет со излагањето на проф. д-р Ана Димишковска од Институтот за филозофија при УКИМ на тема „Правдата, казната и гневот: како се одлучува за животот и смртта?“. По завршувањето на официјалната програма во Скопје, Филозофскиот Филмски Фестивал го започна ФФФ Караванот низ три градови на Република Македонија: Прилеп, Битола и Свети Николе. Во соработка со нашите локални партнери и организатори – филозофскиот портал „Акиндин“, дебатно кино „Контра Кадар“ и Меѓунардониот славјански универзитет „Г.Р. Державин“ беа остварени три проекции проследени со излагања и дискусии со публиката. Со ова, на наше огромно задоволство, донесовме дел од атмосферата на Филозофскиот Филмски Фестивал и надвор од главниот град.

За РЕТРОСПЕКТИВА ФФФ 2017 кликнете тука, за ГАЛЕРИЈА со фотографии – тука, а за повеќе ВИДЕО снимки тука