Проект: Филозофски Филмски Фестивал

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

filozofski-filmski-festival---logo-FIN

ФФФ е еден необичен филмски фестивал кој ја поврзува филозофијата со седмата уметност, обидувајќи се на непосреден начин да ја дофати филозофијата низ призмата на филмот, но и да поттикне на филозофска мисла и акција кај љубителите на фил(м)ософијата во Градот. Филозофскиот Филмски Фестивал започна како Филозофско Филмско Фестивалче во учебната 2009/2010 година на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Стануваше збор за студентска инцијатива чии први чекори беа скромни, но ентузијазмот на неколкумината кои го започнаа беше огромен. Во тоа време идејата беше доближување на филозофијата на еден непосреден начин низ медиумот на филмот, како и негување на ентузијазмот на младите филозофски сили за филозофијата и нејзините вредности. Ова можеше да се постигне единствено преку создавање на креативен неформален простор за слободна размена на идеи, од каде и потекна идејата за Филозофскиот Филмски Фестивал (ФФФ).

          Оттогаш ФФФ доживеа пет изданија, а од 2013 по докажаниот успех на концептот прерасна во културна манифестација на Филозофското друштво на Македонија. Фестивалот е веќе препознатлив, публиката од година в година се зголемува, се направија бројни соработки со реномирани имиња од филозофијата и филмот во земјата, во организацијата се приклучија партнерски институции како Филозофскиот факултет при УКИМ и Кинотеката на Македонија, а со секое ново издание се продлабочуваа и темите кои се обработуваат. Од пред две години Друштвото оформи тим, односно Организациски одбор во рамките на Друштвото кој конкретно работи на остварување на програмските цели на Фестивалот. Станува збор за динамична група на млади луѓе дипломирани во областа на филозофијата или студенти на Институтот за филозофија кои ја споделуваат заедничката страст за филозофијата и филмот. Посветеноста и огромниот труд и љубов вложени во проектот минатата година кулминираше во петтото, јубилејно издание на Фестивалот – петтите „Фил(м)ософски одисеи“ кој донесе повеќе звучни имиња од областа на филозофијата и филмот на едно место, понуди работилница за студенти и реализираше Мастер час со македонски режисер предизвикувајќи огромен интерес кај публиката.

Leave a Comment