Ретроспектива Вим Вендерс
Небото над Берлин (Wings of Desire, 1987)
Токио-Га (Tokyo-Ga, 1985)
Солта на земјата (The Salt of the Earth, 2014)
Соба 666 (Room 666, 1982)
Пина (Pina, 2011)
-
Небото над Берлин (Wings of Desire, 1987)
9 мај (четврток), 19.00 ч.
Игран филм, Германија / Франција, 128 мин., колор и црно-бел
Режија: Вим Вендерс (Wim Wenders)
„Зошто не постои еп за мирот? / Why is there no epic of peace?“
Излагање на тема: „Wim Wenders: putovanje kao potraga za našim identitetom“ - Марјан Вујовиќ (Раководител на Музејот на Југословенска кинотека)
Што е тоа што луѓето го знаат, а не го знаат ангелите? Вендерсовиот безвремен филм за гледањето е филм во кој протагонисти не се луѓето, туку ангелите чиј мирољубив поглед заедно со тој на камерата даваат една поинаква перспектива (или можност) за гледање на светот. Ангелите во „Небото над Берлин“ на Вендерс се добри, невидливи суштества кои го набљудуваат светот и ги слушаат мислите на смртниците обидувајќи се да ги утешат. Еден од нив, Демиел (Бруно Ганц), посакува да стане човек и „да влезе во историјата на светот“ откако се вљубува во убавата трапезистка Марион (Солве Домартен). Питер Фалк, кој се игра себеси, му помага за време на неговата трансформација, воведувајќи го во малите задоволства на животот и на тоа „што значи да се биде човек“.
„Небото над Берлин“ го обележа враќањето на Вендерс во нeговата родна Германија и е неговиот прв германски филм по осум години во САД. Снимен две години пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, филмот е омаж на „поделениот“ град од една уште понеобична перспектива, онаа на ангелите. Филмот чиј косценарист е писателот Петер Хандке (Als das Kind Kind war...) ги доби наградите за Најдобар режисер на Канскиот филмски фестивал (1987) и на Европските филмски награди (1988) и оттогаш се стекна со култен статус. -
Токио-Га (Tokyo-Ga, 1985)
27 мај (понеделник), 20.00 ч.
Документарен филм, Германија / САД, 92 мин., колор
Режија и сценарио: Вим Вендерс (Wim Wenders)
„Милозлив поглед, или камерата како гледач / A loving look, or the Camera as the beholder“
Инспириран од филмското наследство на јапонскиот режисер Јасуџиро Озу (Yasujirô Ozu), Вим Вендерс патува во Јапонија во потрагата по она Токио од филмовите на Озу. Во овој документарен филм, наградуваниот режисер и продуцент комбинира инсерти од еден од неговите омилени режисери со сликите од Токио 30 години подоцна – сега бучен метрополис полн метеж – во обид да открие каде вистинскиот свет и светот на филмот (можеби) се пресекуваат.
Вендерс ги интервјуира верниот камерман на Озу, Јухару Ацута и еден од неговите омилени актери кој игра во повеќето од филмовите на Озу – Чишу Риу. И додека се обидува да го преоткрие Токио низ очите и низ камерата на Озу, Вендерс открива еден нов Токио низ Пачинкото, голферите на градските покриви, неонските светла во Гинза, бејзбол игрите на гробиштата и восочната храна во излозите на рестораните на овој Токио од 80-тите. Две „Приказни од Токио“, на двајца режисери кои се запознаваат токму упатувајќи го погледот/камерата кон истиот град. Филмот беше прикажан во склоп на програмата Извесен поглед („Un certain Regard“) на Канскиот филмски фестивал во 1985 година. -
Солта на земјата (The Salt of the Earth, 2014)
28 мај (вторник), 20:00 ч.
Игран филм, Франција, 109 мин., колор, црно бело
Режија: Вим Вендерс, Хулиано Рибеиро Салгадо (Wim Wenders, Juliano Ribeiro Salgado)
„Слики кои траат, или уметноста на гледањето / Enduring images, or the Art of Seeing“
Во текот на 40 години, бразилскиот фотограф Себастиао Салгадо патува низ повеќе од 120 земји во светот, по трагите на едно човештво кое постојано се менува, документирајќи ја темната страна на човечката состојба во скриените агли на светот. Тој е сведок на некои од најголемите несреќи во блиската историја: интернационални конфликти, глад и егзодуси. По повеќе години поминати пренесувајќи ги овие слики на другиот крај на светот, тој тргнува на едно ново патешествие – откривајќи недопрени територии на флора и фауна, и на грандиозни предели како дел од еден огромен фотографски проект кој ѝ оддава почит на убавината на земјата – проектот „Генезис“.
Животот и делото на Салгадо ни го откриваат неговиот син, Хулиано, кој го придружува на последните патувања, и Вим Вендерс, кој и самиот е фотограф. Филмот ја освои Специјалната награда во програмата Извесен поглед („Un certain Regard“) на Канскиот Филмски Фестивал во 2014 година и беше номиниран за Оскар за Најдобар документарен филм. Неодминлив филм за секој оној кој ја сака фотографијата и кој верува дека „чинот на гледање“ не е проста даденост, а дека сликите кои траат – за да се најдат, првo треба да се побараат. -
Соба 666 (Room 666, 1982)
29 мај (среда), 20.00 ч.
Документарен филм, Германија / САД, 45 мин., колор
Режија и сценарио: Вим Вендерс (Wim Wenders)
„Иднината на филмот / The Future of Cinema“
За време на 35-тиот Кански филмски фестивал во мај 1982 год., Вим Вендерс кани група од 15 интернационални режисери да одговорат на неколку прашања за иднината на филмот, еден по еден, во истата хотелска соба – соба бр. 666, Хотел Мартинез. Главното прашање што неговите колеги треба да го одговорат гласи: „Дали филмот е јазик кој пополека исчезнува, уметност која е на патот да изумре?“. Секој режисер има една 16 мм лента, односно 11 минути да одговори на прашањето. Во општествените науки целта на стандардизацијата е дека секој човек е изложен на истото искуство при прашањето, така што разликите во одговорите можат да бидат коректно интерпретирани единствено како разлики меѓу луѓето наместо разлики во процесот на продуцирање на одговорите.
Во „Соба 666“ се вклучени и европски автори и холивудски режисери, со наративни и експериментални приоди, мажи и жени кои работат во филмската индустрија и кои ги претставуваат своите филмови или се просто присутни на 35-тиот Кански фестивал. Режисерите доаѓаат од Франција, Италија, Бразил, Либан, Германија, Турција, Филипините и САД, а меѓу нив се Антониони, Херцог, Фасбиндер, Годар... Филмот кој беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2006 претставува продлабочена рефлексија за иднината на филмот од некои од најголемите режисери на нашето време. -
Пина (Pina, 2011)
30 мај (четврток), 20.00 ч.
Документарен филм, Германија / САД, 45 мин., колор
Режија и сценарио: Вим Вендерс (Wim Wenders)
„Која иднина на гледањето? / Which future of seeing?“
Пина Бауш претставува икона на современиот танц. Славна како Исадора Данкан (Isadora Duncan) или Марта Греам (Martha Graham), таа го револуционализираше јазикот на танцот. Создадени за да поттикнат емоција кај гледачот, уникатните мултимедијални креации на Пина нудеа неспоредливо визуелно искуство. Идејата на Вендерс, роденa заеднички со Бауш, беше да снимат филм за танцот каков што не сме виделе дотогаш, филм кој би можел да го позајми најдоброто од новата 3Д технологија (која Вим со нетрпение ја очекуваше) за да му ја подари „третата димензија“ на танцот на филмското платно. Снимањето на филмот беше прекинато од ненадејната смрт на Пина во 2009 година. По извесно двоумење, Вендерс се решава да продолжи со работа на проектот и, зедно со нејзиниот ансамбл Tanztheater Wuppertal Pina Bausch, да сними филм кој нема да биде само филм-омаж за една од најголемите кореографки на нашето време, туку и филм кој низ филмскиот јазик и низ еден филмски поглед најдобро би можел да го „оживее“ светот на танцот. Во време кога на 3Д технологијата примарно беше гледано од комерцијален интерес, Вендерс поставува едно поинакво прашање: На кој начин технологијата може да му служи на погледот и, ако постои разлика помеѓу тоа „да се гледа“ (looking) и „да се види“ (seeing), за каква иднина на гледањето ќе се одлучиме?