Официјална селекција на долгометражни филмови
Наме (Namme, 2017)
Дишење во мермер (Breathing into Marble, 2018)
Градина (Garden, 2018)
8 минути и 19 секунди (8 minutes and 19 seconds, 2018)
Крадци на гулаби (The Pigeon Thieves, 2018)
Стикс (Styx, 2018)
-
Наме (Namme, 2017)
10/05 (петок), 21:30 ч.
Игран филм, Грузија / Литванија, 91 мин., колор, ДСП
Режија и сценарио: Заза Калваши (Zaza Khalvashi)
Семејството на Али наследува мисија – да се грижи за локалната лековита вода и да ги лекува соселаните со неа. Тројцата синови се скептични и само најмладата ќерка Наме останува да ја чува семејната традиција. Паралелно, во грузиските планини се гради локална хидроцентрала и во прашање се промените на животната средина. Еден ден изворската вода започнува да пресушува, а таткото на Наме се присетува дека водата нема да се врати сè додека не биде принесена жртва.
„Наме“, грузискиот кандидат за Оскар во 2019 год., преку мистична тензија ни ја предочува врската меѓу традиционалното и модерното. Водата е во сржта на многу филозофски, религиски, магиски и митолошки системи на верувања, а токму и во филмот на Калваши како елемент е во самото јадро на оваа лирска приказна. „’Наме’ е химна на величествените планински пејсажи и пагански фолклорни традиции на југозападна Грузија“ чија „ретка убавина и трансцендентен тон може да ги привлечат фановите на пост-Тарковски школата на медитативниот мистицизам“ – вели Стивен Далтон (Stephen Dalton) од Холивуд репортер. Светската премиера на филмот беше во селекција на 30. Токиски филмски фестивал, а Европската премиера на Меѓународниот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија. -
Дишење во мермер (Breathing into Marble, 2018)
11/05 (сабота), 21:30 ч.
Игран филм, Литванија / Латвија / Хрватска, 97 мин., колор, ДСП
Режија и сценарио: Гиедре Беинориуте (Giedrė Beinoriūtė)
Беинориуте вели: „Дишење во мермер е за обидот да се стопли камен. Можеби е невозможно, но вреди да се обидеме“.
Изабел и Лиудас, семејство од средна класа, живеат во близината на еден голем град со својот син Галиус кој страда од епилепсија. Еден ден Изабел ќе го убеди својот сопруг да го посвојат 6-годишниот Иља, тврдоглаво и повлечено мало момче од домот за деца („Не можам да објаснам, само претчувствувам“ – му вели Изабел на Лиудас). Но со пристигнувањето на посвоенчето, семејниот живот почнува драстично да се менува и наскоро станува јасно дека Иља не се вклопува во овој нов свет. Со почетокот на нарушувањето на брачната заедница на Изабел и Лиудас, тие донесуваат судбоносна одлука која ќе влијае на семејството во годините што следат. Оваа психолошка драма, дебитантско филмско остварување на режисерката, ги истражува односите меѓу луѓето, невидливите нишки што ги поврзуваат нашите животи, одговорноста едни кон други, вината, како и обидот да се прости и да се сака. Филмот е базиран на истоимената книга на Лаура Синтија Черниаускаите (Laura Sintija Černiauskaitė), добитник на Наградата за литература на Европската унија во 2009 год., а интернационалната премиера ја доживува на филмскиот фестивал во Карлови Вари, во компетитивната програма East of the West. -
Градина (Garden, 2018)
12/05 (недела), 21:30 ч.
Игран филм, Австрија, 136 мин., црно-бел, ДСП
Режија и сценарио: Питер Шрајнер (Peter Schreiner)
Секогаш движејќи се помеѓу играниот и документарниот филм, низ неконвенционална драматуршка постапка, „Градина“ ни зборува за љубовниот триаголник помеѓу Авад, Херман и Џулија. Џулија открива дека страда од терминална болест. Авад, филмски режисер, е киднапиран од полицијата, затворан и мачен. Херман, сценскиот дизајнер, е измачуван од ноќни мори. Целото дејствие на филмот се одвива во неидентификувана градина и неопределени душевни простори, низ атмосфера на необична нејасност на сонот, мората, состојбата на неизвесност итн. Филм во кој една градина станува сцена на сите протагонисти, рај и пекол или пак можеби чистилиште. „Градина“ е контемплативен филм на Питер Шрајнер чие дело дава отсјај на атмосферата од филмовите на Бела Тар, а чиј претходен филм Лампедуза беше дел од Официјалната селекција на ФФФ 2017. Филмот беше премиерно прикажан на престижниот филмски фестивал во Ротердам, во склоп на програмата Deep Focus. -
8 минути и 19 секунди (8 minutes and 19 seconds, 2018)
13/05 (понеделник), 21:30 ч.
Игран филм, Бугарија, 85 мин., колор, ДСП
Режија: Петaр Валчанов, Љубомир Младенов, Теодор Ушев, Надежда Косева, Владимир Љуцканов, Кристина Грозева (Петър Вълчанов, Любомир Младенов, Teодор Ушев, Надежда Косева, Владимир Люцканов, Кристина Грозевa)
Омнибус филм базиран на кратките раскази на најпреведуваниот современ бугарски писател Георги Господинов, режиран од шест различни режисери од Бугарија.
Во оној момент кога ќе почнете да го гледате овој филм, сонцето можеби веќе згаснало, но вие сè уште нема да го знаете тоа бидејќи 8 минути и 19 секунди е времето за кое ќе пристигне веста за неговата смрт. Тоа е времето што ѝ е потребно на светлината да стигне дотука, а потоа ќе настапи темнината...
Темата на апокалипсата не мора да биде прикажувана преку глобална катаклизма, коњаници на апокалипсата, ангели на смртта, оган и деструкција. Крајот на светот може да биде многу лична работа, интимно и безмалку нечујно човечко искуство.
Наративниот мозаик на „8 минути и 19 секунди“ ќе ги постави стожерните точки на овој исклучителен омнибус филм: чувството на смртноста, миговите пред самиот крај, нашето неизвесно постоење и стравот што доаѓа од сознанието за сето тоа. -
Крадци на гулаби (The Pigeon Thieves, 2018)
14/05 (вторник), 21:30 ч.
> Игран филм, Турција, 82 мин., колор, ХД<br Режија: Осман Наил Доган (Osman Nail Doğan
Животот на 16-годишниот Махмут се состои од хранењето на гулабите и заработување од крадењето туѓи гулаби. Најголемиот сон му е да ги има најдобрите гулаби. Еден ден, еден од гулабите ќе избега и не се враќа повеќе. Кога Махмут наоѓа гулаб вгнезден на еден покрив, го запознава Исмаил, 8-годишно детенце кое живее во куќата. Оваа средба станува една од најважните пресвртници којашто ќе влијае на животите на двете деца.
„Крадци на гулаби“, прв игран филм на режисерот кој беше дел од Официјалната селекција на 24. Сараевски филмски фестивал, е филм за растењето, созревањето и вивнувањето во животот. Топла приказна за пријателството и младешките страсти, погледната низ специфичната призма на културата на живеење во Анадолија. И како што Доган запрашува зборувајќи за филмот, дилемата е пред нас: „Што е добро, a што лошо? Дали можеш да бидеш добар со лошо однесување?“ Или, пак, како може еден човек да биде добар ако животот е беспоштеден и суров, луѓето се немилосрдни и себични, а светот е студен и туѓ? -
Стикс (Styx, 2018)
15/05 (петок), 21:30 ч.
СТИКС (Styx, 2018)
Игран филм, Германија / Австрија, 2018 г., 94 мин., колор, блуреј
Режија: Волфганг Фишер (Wolfgang Fischer)
Рике е 30-годишна жена и e успешен доктор во итната медицинска служба. Кога тргнува сама на патување во својот брод кон Гибралтар, по силна бура се наоѓа во близината на пренатоварен брод со бегалци кои се во животна опасност. На почетокот се обидува да повика помош според поморските прописи и да ја изврши својата граѓанска должност, но и покрај сите апели, никој не се одѕива. Рике е соочена со острицата на одлуката и треба да реши дали да се обиде самата да дејствува за да го спаси она кое има можност да го спаси.
Алегорија за студениот и негрижлив свет, наутичкиот трилер на Волфганг Фишер е филм за преживувањето и за смртните опасности со кои се соочуваат мигрантите што патуваат кон Европа. Прикажувајќи едно општество каде што добродетелта на поединецот се удавила во суровоста на другите, филмот ја отсликува моралната дилема помеѓу светот на реалното и светот на идеалното и на тест ја става личната наспроти колективната одговорност. Естетски придржувајки се на строг минимализам, „Стикс“ упатува ургентен повик за будење на светот што сè повеќе запаѓа во рамнодушност и во отсуство на емпатија.
Филмот ја отвори Panorama секцијата на 68. Берлински филмски фестивaл, а беше и еден од трите LUX Prize финалисти на Европскиот парламент во 2018 година.