Ретроспектива на 7. Филозофски Филмски Фестивал

Првото интернационално издание на Филозофскиот Филмски Фестивал се одржа од 30 март – 7 април 2017 во Кинотеката на Македонија. Главната програма на седмото издание на ФФФ беше во времетраење од девет денови, понуди богатa и разноликa содржина за македонската публика, повеќе домашни и интернационални гости – професори по филозофија и режисери, голем број на филозофски дебати, едукативна програма за студенти и ученици од целата земја, како и ФФФ Караван во втората половина на април кој донесе дел од атмосеферата на Фестивалот и во четири градови на Р. Македонија: Штип, Свети Николе, Прилеп и Битола.

Фестивалот и оваа година продолжи да работи на полето на филмската писменост и популаризацијата на филозофијата преку непосредноста на медиумот на филмот зајакнувајќи ги критичката рефлексија и креативното мислење за значајни општествени и хуманистички прашања (особено кај младата популација) и придонесувајќи кон развојот на граѓанското општество во Македонија. Преку интернационализацијата на Фестивалот, Филозофското друштво на Македонија исто така се обидува да воспостави врски за интернационална соработка во областа на филм-философијата во регионот и во Европа и да го промовира теоретското изучување на филм-философијата, како и нејзината практична апликација. На овој начин, Скопје станува дел од мапата на неколку градови во светот коишто интензивно работат во оваа област.

Програмата на годинешното седмо издание беше составена од три дела: Главна програма, Едукативна програма и ФФФ Караван. Покрај ова, во рамките на проектот на крајот од месец мај ќе биде објавен темат „Филозофија и филм“ на националното филозофско списание Филозофска трибина, прва публикација од оваа област во земјата. Исто така, во рамките на Фестивалот се одржа презентација на потпрограмата МЕДИА со фокус на повиците за Развој на проекти и филмски фестивали во организација на Канцеларијата за Креативна Европа МЕДИА при Агенцијата за филм на РМ. Фестивалот и оваа година беше поддржан од соработниците: Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Кинотеката на Македонија, Универзитетот за аудиовизуелни уметности Европска, Филмска, Театарска и Танцова Академија – Скопје (ЕФТА) и Младинскиот културен центар – Скопје, но и Германската амбасада во Скопје со која ја организиравме репризата на победничкиот филм на годинешното издание. Фестивалот во рамките на ФФФ Караванот беше поддржан и од Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“, македонскиот филозофски портал „Акиндин“ и Дебатното кино „Контра Кадар“; спонзори беа Горска, Камник, Best Western Хотел Турист, издавачката куќа „Аз-Буки“, РЖ Институт и Мартини, а медиумски партнери: 24 Вести, Канал 103 и веб порталите Окно и Cinema.mk. Оваа година, на наша огромна радост, проектот за прв пат е поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија, како и од програмата за поддршка на граѓанското општество Civica Mobilitas на Швајцарската агенција за развој и соработка, а по втор пат и од Градот Скопје.

1. ЕДУКАТИВНА ПРОГРАМА

Фестивалот како и секоја година неофицијално беше отворен со Едукативната програма. На 21-ви февруари 2017 беше одржана проекција на средношколската видео лектира – оваа година ремек делото на Стенли Кјубрик „Др. Стрејнџлав“ (Dr. Strangelove, 1964) во Кино Фросина, МКЦ. Во рамките на средношколскиот сегмент на ЕП оваа година учествуваа 9 (девет) гимназии од цела Македонија (шест гимназии од Скопје: СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, СУГС Гимназија „Орце Николов“, СГГУГС „Здравко Цветковски“, СУГС Гимназија „Никола Карев“, СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ и ПСУ „Јахја Кемал“, и три гимназии низ Македонија: СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес и СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп). По проекцијата на средношколската видео лектира учениците под менторство на своите професори имаа задача да изработат есеј на тема: Технологијата, моќта и (само)уништувањето: можеме ли да ги контролираме ефектите од сопствените пронајдоци?. На Конкурсот за најдобар средношколски филмософски есеј на ФФФ 2017 пристигнаа 72 есеи, а на настанот за Свеченото доделување на наградите од ЕП (1-ви април 2017, Кинотека на Македонија) им беа доделени награди на тројцата првонагрдени ученици откако Комисијата за средношколски филмософски есеј во состав: проф. д-р Ана Димишковска, доц. д-р Трајче Стојанов и д-р Трајче Серафимовски ги избра трите најдобри есеи. Трите најдобри ученици беа наградени со: едногодишни стипендии од Универзитетот за aудиовизуелни ументости ЕФТА, парични награди, филозофска литература и списанија, и награди од Кинотеката на Македонија. Прво место доби Илина Димовска, СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес (ментор: Бошко Караџов); второ место Павел Ѓорѓовски, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје (ментор: Даниела Николова) и трето место Филип Бранимир Букшиќ, СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје (ментор: Јулијана Јолевска). Првонаградениот есеј на Илина Димовска беше објавен во рубриката „Средношколски форум“ на националното списание за филозофија Филозофска трибина (бр. 21), а сите ученици, како и професорите коишто учествуваа на Конкурсот, добија сертификати за учество или менторство на Конкурсот.
Во рамките на вториот сегмент на ЕП наменет за студентите, во текот на месец март (20-27 март 2017, НВО Инфо Центар – Скопје) Филозофскиот Филмски Фестивал понуди Работилница за авторски филм „Од идеја до премиера“ со режисерката Ана Опачиќ на која учествуваа студенти и млади заинтересирани за филозофијата и филмот. На работилницата имаа можност да се запознаат со техниките на пишување сценарио за потоа да изработат краток филм што ќе произлезе од работилницата. Краткиот филм „Распарчен изглед“ во режија на Марио Петковски ја доживеа својата премиера на Свеченото затворање на Фестивалот (7 април 2017), а беше прикажан и на Филмската академија во Штип во рамките на ФФФ Караванот (19 април 2017). Покрај Работилницата за авторски филм, во Скопје беше одржано и Предавање во соработка со ЕФТА – предавањето „Естетското во филмот“ на д-р Мимоза Рајл (22 март 2017, ЕФТА).

2. ГЛАВНА ПРОГРАМА

Главната програма на ФФФ 2017 како и претходните две години се одржа во Кинотеката на Македонија и градот Скопје за прв пат станa епицентар на филм-философијата во светот во периодот од 30 март до 7 април. Покрај веќе добро познатата Ревијална програма, оваа година Фестивалот беше збогатен и со Официјална селекција на долгометражни филмови (селектор: проф. Кирил Трајчев) и Официјална селекција на краткометражни филмови (селектор: м-р Ана Опачиќ) со компетитивен карактер. Селекторите на Фестивалот од околу 1000 пријавени филмови од целиот свет ги избраа најдобрите 7 долгометражни филмови и најдобрите 14 краткометражни филмови (прикажани во две фестивалски вечери) коишто македонската публика имаше можност да ги погледне во Кинотеката на Македонија. На програмата се најдоа филмови од Киргистан, Австрија, Грција, Молдавија, Иран, Грузија, Полска, Шпанија итн., како и од повеќе жанрови за да ги задоволат различните вкусови на публиката. Двете селекции имаа свои жирија – проф. д-р Иван Џепароски, проф. д-р Александар Прокопиев, и професорот и режисер Владимир Блажевски (Селекција на долгометражни филмови) и доц. д-р Вангел Ноневски, Петар Волнаровски и Марија Џиџева (Селекција на краткометражни филмови). Покрај гласањето на жирито, публиката на ФФФ 2017 исто така имаше можност да гласа за Најдобар долгометражен филм на ФФФ 2017 и Најдобар краткометражен филм на ФФФ 2017 со наградата од публиката. На крајот од Фестивалот на Свеченото затворање беа доделени наградите на најдобрите филмови на Фестивалот во двете селекции. Наградата „Златен був“ за Најдобар долгометражен филм на ФФФ 2017 ја доби филмот СЕ ЗА ЛУЃЕТО (All About People) на грузискиот режисер Гиорги Абашишвили (Giorgi Abashishvili). Филмот ја зема наградата и од жирито и од публиката и беше организирана Специјална проекција на 5-ти јуни 2017 во Кинотеката на Македонија со реприза на филмот во присуство на режисерот и сценаристот на филмот – Гиорги Абашишвили и Миријам Штен (Miriam Steen). Наградата „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм на ФФФ 2017 според жирито ја доби канадскиот филм СОФИЈА (Zsofika) на режисерот Максим Клод-Лекује (Maxime-Claude L’Écuyer), а грчкиот ЛИМБО (Limbo) на режисерката Константина Коѕамани (Konstantina Kotzamani) доби Специјално признание од жирито. Наградата за најдобар краткометражен филм според публиката отиде во рацете на белгискиот филм ПРОЛЕТНА ПОПЛАВА (Spring Flood) на режисерката Џенис Адриансен (Jeannice Adriaansens).

    

Во рамките на Ревијалната програма: филм-философија, 7. Филозофски Филмски Фестивал понуди девет (9) настани – проекции на филмови по коишто следуваше филозофска рефлексија со професори и режисери од Македонија и странство, и секако она што се наоѓа во самиот фокус на Фестивалот – дијалогот и дискусиите по секоја од темите инспирирани од филмот. Фестивалот беше отворен со култниот „Граѓанинот Кејн“ (Citizen Kane, 1941) на Орсон Велс и филозофските рефлексии на тема Навраќање на проф. д-р Љубомир Цуцуловски инспирирани од филмот (30-ти март). По излагањето на професорот следуваше дискусија со публиката и свечен коктел со Камник и Горска во фоајето на Кинотеката на Македонија. Наредниот ден гости на Фестивалот беа режисерот Иван Јовиќ и сценаристката Моња Јовиќ од Србија кои учествуваа на Фестивалот со нивниот филм „Исцеление“ (The Healing, 2014) и мастерклас насловен Теологија на филмот – светлописание на филмот ‘Исцеление’ (31-ви март). Специјална гостинка на ФФФ 2017 беше Кристин Син (Christine Cynn) од Норвешка, попозната како корежисер со Џошуа Опенхајмер на документарниот филм „Чинот на убивање“ (The Act of Killing, 2013) кој беше номиниран за Оскар во 2014 година. Во рамките на ФФФ 2017 се одржа македонската премиера на најновиот документарен филм на Кристин Син – „Со вперени камери“ (Shooting Ourselves, 2016), а по проекцијата на филмот следуваше Q&A со режисерката (1-ви април). Со ова, за прв пат се отвори ФФФ doc. сегментот на Филозофскиот Филмски Фестивал во рамките на кој секоја година ќе се прикажува по еден документарен филм на филозофски релевантна тема по што ќе се развие и дискусија со режисерот и публиката. Исто така, Кристин Син заедно со нејзиниот соработник Валентин Манц (Valentin Manz) одржаа Storyhacking Masterclass во Кинотеката на Македонија на кој на интерактивен начин на присутните им ја доближија уметноста и вештината на креирање приказни во филмот (31-ви март). Ревијалната програма продолжи со проекцијата на „Небо од Ванила“ (Vanilla Sky, 2001) на режисерот Камерон Кроу и предавањето на доц. д-р Вангел Ноневски на тема Фикцијата на киберпанкот како автентично искуство на стварноста (3-ти април), Ревија на кратки филмови и разговор со проф. д-р Стефан Сидовски (5-ти април) и проекцијата на германскиот филм „Бранот“ (Die Welle, 2008) на Денис Генсел и експозето на проф. д-р Јасна Котеска на тема Бранот: Човечката психологија и авторитарноста (6-ти април). Фестивалот беше затворен со Свеченото доделување на наградите од официјалните селекции и проекцијата на македонскиот филм „Прашина“ на Милчо Манчевски проследена со Skype предавање на проф. д-р Драган Проле, Шеф на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Нови Сад на тема Естетиката и насилството. За филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски (7-ми април). По проекцијата и предавањето следуваше дискусија со публиката и свечен коктел за затворањето на Фестивалот со Камник и Гроска во фоајето на Кинотеката на Македонија.

3. ФФФ КАРАВАН

ФФФ Караванот кој го претставува патувачкото кино на Филозофскиот Филмски Фестивал оваа година помина низ четири градови на Република Македонија: Штип, Свети Николе, Прилеп и Битола. Прва станица на ФФФ Караванот беше Штип и Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Во соработка со Филмската академија при УГД Штип на 19-ти април беше организирана проекција на победничките филмови според жирито на ФФФ 2017 (заедно со краткиот филм од Работилницата за авторски филм), а по проекцијата следуваше дискусија со селекторот на Фетивалот – проф. Кирил Трајчев и еден од членовите на жирито – проф. д-р Александар Прокопиев. На 20-ти април во Штип се одржа втора проекција во соработка со Филозофскиот Филмски Фестивал – избор од селекцијата на краткометражни филмови на Фестивалот пред се наменета за студентите. По Штип, ФФФ Караванот на 21-ви април се упати кон Свети Николе. Во Свети Николе се одржа работилницата Вовед во филм: Како настанува филмската слика? со режисерката Ана Опачиќ наменета за учениците од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Свети Николе, а во вечерните часови гостин на МСУ „Г.Р. Державин“ беше проф. д-р Љубомир Цуцуловски со предавањето Навраќање инспирирано од „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс. ФФФ Караванот го продолжи своето патешествие во Прилеп на 25-ти април по трет пат во заедничка организација на настан со македонскиот филозофски портал „Акиндин“. Во Прилеп се одржа проекцијата на „Бранот“ на Денис Генсел и предавањето на проф. д-р Јасна Котеска – Бранот: Човечката психологија и авторитарноста. По предавањето следуваше богата дискусија со присутните во Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп. На 26-ти април се заокружи ФФФ Караванот со предавањето на доц. д-р Вангел Ноневски насловено Фикцијата на киберпанкот како автентично искуство на стварноста по проекцијата на „Небо од ванила“ на Камерон Кроу во Малата сала на Центарот за културата во Битола. Настанот се одржа во заедничка организација со Дебатно кино „Контра Кадар“ од Битола. Со ова, Филозофскиот Филмски Фестивал успеа да донесе дел од програмата на ФФФ и во другите градови на Македонија и да пренесе дел од атмосферата на Фестивалот и надвор од главниот град.

По официјалното завршување на Фестивалот следување објавувањето и промоцијата (6-ти јули, ГЕМ клуб) на темат „ФИЛОЗОФИЈА И ФИЛМ“ на македонското списание Филозофска трибина, прва публикација од областа на филм-философијата во Македонија која беше реализирана во рамките на Фестивалот со поддршка на програмата за развој на граѓанското општество Цивика мобилитас. Фестивалот беше заокружен со учеството на Интернационалната конференција за филозофија и филм „Moving Image and Philosophy” во Порто, Португалија (7-8 јули) на која се отворија можности за меѓународна соработка со професионалци од оваа област и беше промовиран Фестивалот во светски рамки.

Кратки факти и статистика

1800 посетители (1300 ГП + 300 ЕП + 200 ФФФ Караван) на 10 локации низ Македонија1
20 настани ГП – Скопје + 5 настани Караван – Штип, Св. Николе, Прилеп, Битола;
36 долгометражни и краткометражни филмови...