Официјална селекција на долгометражни филмови
Граѓанинот (13.04)

Шопенхауер шизофренија (14.04)
Млади и бедни... (15.04)

Крај мене (16.04)
Ехо (17.04)

Долг ден (18.04)
-
-
Граѓанинот (13.04)
13.04 (петок), 21.30
Кинотека на Македонија
ГРАЃАНИНОТ (The Citizen, 2016)
реж. Роланд Враник / Roland Vranik (HU), 110 мин.
Вилсон е Африканец кој живее во Будимпешта. Дошол во Унгарија како политички бегалец и сака да стане унгарски државјанин, но неколку пати по ред не успева во тоа. ГРАЃАНИНОТ го отвора прашањето за местото и статусот на поединецот - граѓанин во една земја (матична или туѓа) или во светот воопшто. Што значи да се биде граѓанин денес?
Филмот на суптилен начин го поставува ова прашање, во време кога, од една страна, сè повеќе се универзализираат еднаквоста, слободата и граѓанството, но од друга страна, се соочуваме со безбројни пречки на патот да се биде или да се (о)стане граѓанин денес.
ГРАЃАНИНОТ на унгарскиот режисер Роланд Враник е добитник на наградата за Најдобро сценарио на Фантаспорто филмскиот фестивал во Порто, Португалија.
Во присуство на режисерот на филмот -
Шопенхауер шизофренија (14.04)
14 април (сабота) 21:30
Кинотека на Македонија
ШОПЕНХАУЕР ШИЗОФРЕНИЈА (Schopenhauer Schizophrenia / Шопенгауэрская шизофрения, 2017)
Реж: Аристарх Нескупов / Aristarkh Neskupov (UA), 67 мин.
ШОПЕНХАУЕР ШИЗОФРЕНИЈА е независен нискобуџетен филм што преку дискретно користење на метатекстуален метод нè воведува во свет на безнадежноста, болката, празнотијата и меланхолијата, прикажувајки ја егзистенцијалната агонија на протагонистот. Во состојба на латентна метафизичка напнатост, крикот на очајот станува поважен од најсуптилната мисла. Главниот лик во филмскиот првенец на украинскиот режисер Аристарх Нескупов ни ја отвора завесата на осаменоста, тегобноста и депресијата, реферирајки на филозофијата на апсурдот и... на Шопенхауер -
Млади и бедни... (15.04)
15 април (недела), 21.30
Кинотека на Македонија
МЛАДИ И БЕДНИ ИЛИ ЧОВЕКОТ ШТО ВРЕСКА
НЕ Е РАЗИГРАНА МЕЧКА (Young and Miserable or a Man Screaming Is Not a Dancing Bear / Jóvenes infelices o un hombre que grita no es un oso que baila, 2016), реж.: Тиаго Б. Мендонса/Thiago B. Mendonça (BR), 127 мин.
МЛАДИ И БЕДНИ ИЛИ ЧОВЕКОТ ШТО ВРЕСКА НЕ Е РАЗИГРАНА МЕЧКА е смело име за филм што претставува еден вид манифест на група уметници кои постојано ги тестираат границите на уметноста и животот во бразилското општество. Комбинирајќи ги театарот, музиката и јавните перформанси, тие се обидуваат да создадат револуционерна свест, играјќи си со дијалектиката на естетичкото и политичкото. Додека хоризонтот се стеснува во едно општество што станува сè повеќе и повеќе авторитарно, тие се чувствуваат поттикнати да го пронајдат ултимативниот естетски акт, а новите концепти на сексуалност да ги вклучат како форма на отпор и нов политички бунт. Инспирирани од есеите на Пасолини и револуционерната поезија на Сезер, овие млади луѓе се субверзивни уметници кои ја претставуваат урбаната герила според која единствениот можен простор за политика е улицата. -
Крај мене (16.04)
16.04 (понеделник), 21.30
Кинотека на Македонија
КРАЈ МЕНЕ (Beside Me / Coborâm la prima, 2017)
реж. Теди Некула / Tedy Necula (RO), 84 мин.
Подземната железница во Букурешт е блокирана во утринските часови, само еден ден по ужасниот пожар во еден од ноќните клубови на главниот град со голем број починати или поврдени млади луѓе. Овој инспиративен филм на младиот романски режисер Теди Некула, на кој истовремено може да се гледа и како на социјален експеримент, претставува алегориска приказна за самиот свет и за односите во него. Луѓето тргнати на пат почнуваат да разговараат еден со друг. Што се случува кога времето, магично или механички, ќе застане за еден момент... или за половина час? Кога другиот сум јас, а јас сум другиот и кога времето „изгубено“ може да се претвори во време „добиено“ (пријател, искуство, разговор). На крајот на патот претворен во патешествие, некој излегува променет. -
Ехо (17.04)
17.04 (вторник), 21.30
Кинотека на Македонија
ЕХО (Echo/Eho, 2016)
реж. Дрен Жерка / Dren Zherka (DE/KV), 93’
Хана (65) и Исмет (71) доаѓаат од две сосема различни места, не се познаваат еден со друг, а сепак нешто нераскинливо ги поврзува и ја премостува бездната на времето и просторот на двата света во коишто живеат. Филмскиот првенец на Дрен Жерка, добитник на наградата Сребрен зенит во светската конкуренција на дебитантски филмови на Филмскиот фестивал во Монтреал, претставува суптилен, лирски и визуелно импресивен портрет на двајца осамени луѓе во староста, што низ сензорни и тонални асоцијации (повеќе отколку низ наратив) нè потсетува на важноста на семејните врски и на грижата еден за друг во свет на социјален хаос и хипербрз, прагматичен начин на живот. Што значи да се биде присутен, тука и сега, и што навистина значи грижата еден за друг? Ниту едно писмо или сочувство од другите никогаш не треба да пристигнат во полуразурната, тивка куќа.
Во присуство на режисерот на филмот -
Долг ден (18.04)
18.04 (среда), 21.30
Кинотека на Македонија
ДОЛГ ДЕН (A Long Day / Yek rouz-e tolani, 2016)
реж. Бабак Бахрамбејги / Babak Bahrambeygi (IR), 88 мин.
Откако се враќа во земјата по неколку години, Шахин престојува во кратка посета на родниот град и неочекувано е вмешан во една од бизнис-авантурите на неговиот брат. Се обидува да го продолжи својот пат кон решавање на проблемите, но се соочува со нови моменти што ја усложнуваат приказната. Филмот нè поставува пред моралната дилема на главниот протагонист: во комплексниот човечки свет понекогаш е тешко да се донесе одлука кога концептите на доброто и злото, моралното и аморалното не се целосно јасни, а хипокризијата и релативизирањето го изместуваат компасот на општите вредности и на поединецот и на општеството. Пред повторно да ја напушти земјата, каква одлука ќе донесе Шахин?