Наредна станица на ФФФ Караванот: Свети Николе

По прикажувањето на победничките филмови на ФФФ 2017 во Штип со што беше отворен ФФФ Караванот на 7. Филозофски Филмски Фестивал, овој петок (21 април 2017) закажуваме средба во Свети Николе на наредната станица од Караванот. Настанот се одржува во ко-организација со нашите соработници Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“.

Денот го започнуваме со работилницата „Вовед во филм – Како настанува филмската слика?“ со м-р Ана Опачиќ наменета за учениците од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ од Свети Николе. Работилницата ќе се одржи во попладневните часови на Универзитетот. Истата вечер, ќе ја пречекаме пошироката публика во Свети Николе со проекцијата на култниот филм на Орсон Велс Граѓанинот Кејн со којшто го отворивме Фестивалот на почетокот од месецот во Скопје, а по проекцијата на филмот проф. д-р Љубомир Цуцуловски ќе одржи излагање на тема „Навраќање“ инпирирано од филмот. Како по секоја од проекциите на Фестивалот, на крајот од вечерта следува дискусија со публиката. Ве очекуваме!

 

 

Related Post