Главна програма на ФФФ 2017

Ги броиме последните две недели до почетокот на Фестивалот! Главната програма на 7. Филозофски Филмски Фестивал ќе се одржи од 30 март до 7 април во Кинотеката на Македонија. Во 9 (девет) фестивалски денови на првото интернационално издание на Фестивалот ќе имате можност да погледнете 34 долгометражни и краткометражни филмови од целиот свет, да проследите предавања и дискусии на бројни филозофски теми и да влезете во отворена дискусија со познати професори, режисери и интелектуалци од Македонија и странство.

Годинава покрај Ревијалната програма која е со некомпетитивен карактер и на којашто ќе имаме гости од Македонија и странство, Фестивалот ќе понуди и две селекции на филмови – Селекција на долгометражни филмови и Селекција на краткометражни филмови. Нашите селектори, професорите Кирил Трајчев и Ана Опачиќ, направија внимателна селекција на филмови кои се обете, филмски квалитетни и филозофски релевантни. Во Селекцијата на долгометражни филмови ќе имаме можност да погледнеме седум филмови од Киргистан, Австрија, Грција, Романија/Литванија/Молдавија, Иран, Грузија/Германија и Полска. Краткометражните играни филмови, исто така, доаѓаат од сите страни на светот, и во две вечери – 2. април (недела) и 4. април (вторник) македонската публика ќе има можност да ги погледне во Кинотеката на Македонија.

Филмовите од Селекцијата на долгометражни филмови и Селекцијата на краткометражни филмови ќе се натпреваруваат за две награди – наградата „Златен був“ за Најдобар долгометражен филм од жирито и публиката, и наградата „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм од жирито и публиката. На наша огромна чест и задоволство жири на селекцијата на долгометражни филмови годинава ќе бидат: проф. д-р Иван Џепароски, проф. д-р Александар Прокопиев и проф. Владимир Блажевски. Жирито на краткометражни филмови пак го сочинуваат: доц. д-р Вангел Ноневски, Марија Џиџева и Петар Волнаровски.

Ве очекуваме во Кинотеката на Македонија!

 

Програма ФФФ 2017 (I)Програма ФФФ 2017 (II)

 

 

Related Post