ОФИЦИЈАЛНА ПРОГРАМА
________________________________________________________________________________________________
Отворање на ФИЛОЗОФСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ
1. МИРНО ЛЕТО (A Quiet Summer)
Кинотека на Македонија, 2. април 2015 (четврток), 19:00.
игран филм, СФР Југославија, 1961, 99 мин., црно-бел, 35 мм.
режија: Димитрие Османли
сценарио: Фрида Филиповиќ
улоги: Љупка Џундева, Слободан Перовиќ
Познат како првата македонска филмска комедија, филмот Мирно лето се вбројува во еден од класиците на македонската кинематографија. Преку една доста едноставна приказна публиката се запознава не само со ликовите на филмот, туку и со идеја за менталитетот на еден народ. Околностите на животот доведуваат Заре и Мира да се преселат во Охрид, каде се надеваат дека ќе најдат спокојство и бегство од неуморните очи и усти на нивното соседство. Но, како што ќе дознаат јунаците на оваа приказна, нештата никогаш не се толку едноставни. Со доаѓањето на првиот гостин во Охрид се отвара портата и за други непоканети гости. Започнува бркотница и хаос, кои брачниот пар Мисевски никако да ги избегнат и да го достигнат долго посакуваниот мир.
излагање на тема:
„КОМИЧНОТО ВО МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ: ‘МИРНО ЛЕТО’“
проф. д-р Иван Џепароски – Институт за филозофија, Филозофски факултет – Скопје
________________________________________________________________________________________________
2. АНТИХРИСТ (Antichrist)
Кинотека на Македонија, 3. април 2015 (петок), 19:00.
игран филм, Данска/Германија/Франција/Шведска/Италија/Полска, 2009, 108 мин., црно-бел/колор, 35 мм.
режија и сценарио: Ларс фон Трир
улоги: Вилем Дефо, Шарлот Гејнсбург
Антихрист премиерно се прикажува на филмскиот фестивал во Кан, на кој Шарлот Гејнсбург ја заработува и наградата за најдобра актерка. Истата година, за неговата работа на овој филм, на Ентони Дод Ментл (Anthony Dod Mantle) му е доделена наградата за најдобра кинематографија од страна на Европската Филмска Академија. Случувањето во Антихрист се открива преку пролог, четири оддели и епилог. Ваквата форма дозволува приказната за ужасната трагедија на една брачна двојка и нивното последователно соочување со неа да отвори и прашања кои одат подалеку и подлабоко во испитувањето на нивната интима, заедничка и посебна. Ова свое филмско остварување Ларс фон Трир му го посветува на режисерот Андреј Тарковски и, неофицијално, го нарекува првиот од својата „Трилогија на депресијата”.
излагање на тема:
„ФОН ТРИР И ПОЕТИКАТА НА РАСПАЃАЊЕТО“
доц. д-р Ристо Солунчев – Институт за филозофија, Филозофски факултет во – Скопје
________________________________________________________________________________________________
3. РАШОМОН (Rashômon)
Кинотека на Македонија, 4. април 2015 (сабота), 19:00.
игран филм, Јапонија, 1950, 88 мин., црно-бел, 35 мм.
режија: Акира Куросава
сценарио: Акира Куросава, Шинобу Хашимото
според раскази на: Рјуносуке Акутагава
улоги: Тоширо Мифуне, Мачико Кјо, Масајуки Мори
Освојувајќи ги Златниот лав во Венеција и Оскар за најдобар странски филм во 1951 година, Акира Куросава се стекнува со светска слава со филмот Рашомон. Двата кратки раскази од јапонскиот писател Рјуносуке Акутагава (Рашомон и Во бујакот), врз кои се темели сценариото, филмот ги соединува во едно истражување на смислата на вистината, искреноста и честа. Приморани да се сокријат од силниот дожд пред портите Рашомон, тројца разговараат за чудните случувања од изминатиот ден. Злосторството за кое тие расправаат, публиката го дознава преку низа флешбекови, раскажано од посебните персепктиви на учесниците и очевидците на случувањето. Секој од нив настапува со различна приказна и посочува различен виновник за злосторството.
излагање на тема:
„ПОТРАГАТА ПО ВИСТИНАТА ВО ФИЛМОТ РАШОМОН“
доц. д-р Стефан Сидовски, Универзитет за Аудиовизуелни уметности – Европска Филмска Академија ЕСРА
________________________________________________________________________________________________