Ретроспектива Вим Вендерс во продолжение на 9. ФФФ

По завршувањето на Главната програма, 9. Филозофски Филмски Фестивал минатата недела (20-23 мај) по петти пат го реализира ФФФ Караванот, односно пренесе дел од фестивалскиот дух и атмосфера во четири градови низ земјата: Штип, Свети Николе, Прилеп и Битола. Публиката во овие градови имаше можност да погледне два од победничките филмови во компетитивната селекција (Штип), како и дел од Ревијалната програма филм-философија, односно филмови проследени со излагања и отворена дискусија со гостите (Свети Николе, Прилеп, Битола).

Од понеделник до четврток (27-30 мај, Кинотека на С. Македонија, 20 ч., слободен влез) продолжува Ретроспективата Вим Вендерс: „ЗАМИСЛУВАЊЕ НА МИРОТ ПРЕКУ ФИЛОЗОФИЈАТА И ФИЛМОТ“, подготвена во соработка со Гете-институтот Скопје. Ретроспективата започна на отворањето на Фестивалот (9 мај) со култниот класик НЕБОТО НАД БЕРЛИН, а во споменатиот период ќе бидат прикажани и останатите 4 филмови од Ретроспективата, документарните филмови: ТОКИО-ГА, СОЛТА НА ЗЕМЈАТА, СОБА 666 и ПИНА. Ретроспективата е инспирирана од книгата Замислување на мирот: дијалог за перцепцијата од Вим Вендерс и Мери Зурнази, чиј превод на македонски јазик е во подготовка и ќе биде објавен од страна на Филозофското друштво на Македонија. Вендерс ја истакнуваше потребата од навраќање на филмот како на нешто што ја зацрвстува, а не одбегнува стварноста (reality-enhancing vs. reality-avoiding) и на еден автентичен поглед на седмата уметност. Фестивалот токму ќе се наврати на овие филмови на Вендерс низ оваа перспектива.

Во понеделник (27 мај) ќе биде прикажан ТОКИО-ГА (1985), а воведен збор за врската Вендерс – Озу ќе има проф. д-р Стефан Сидовски.

  Инспириран од филмското наследство на јапонскиот режисер Јасуџиро Озу (Yasujirô Ozu), Вим Вендерс патува во Јапонија во потрагата по она Токио од филмовите на Озу. Во овој документарен филм, наградуваниот режисер и продуцент комбинира инсерти од еден од неговите омилени режисери со сликите од Токио 30 години подоцна – сега бучен метрополис полн метеж – во обидот да открие каде вистинскиот свет и светот на филмот (можеби) се пресекуваат. Вендерс ги интервјуира верниот камерман на Озу, Јухару Ацута (Yûharu Atsuta) и еден од неговите омилени актери кој игра во повеќето од филмовите на Озу – Чишу Риу (Chishû Ryû). И додека се обидува да го преоткрие Токио низ очите и низ камерата на Озу, Вендерс открива еден нов Токио низ Пачинкото, голферите на градските покриви, неонските светла во Гинза, бејзбол игрите на гробиштата и восочната храна во излозите на рестораните на овој Токио од 80-тите. Две „Приказни од Токио“, на двајца режисери кои се запознаваат токму упатувајќи го погледот/камерата кон истиот град. ТОКИО-ГА беше прикажан во рамките на програмата Извесен поглед („Un certain Regard“) на Канскиот филмски фестивал во 1985 година.

 

Во вторник (28 мај) на репертоарот е СОЛТА НА ЗЕМЈАТА (2014):

Во текот на 40 години, бразилскиот фотограф Себастиао Салгадо (Sebastião Salgado) патува низ повеќе од 120 земји во светот, по трагите на едно човештво кое постојано се менува, документирајќи ја темната страна на човечката состојба во скриените агли на светот. Тој е сведок на некои од најголемите несреќи во блиската историја: меѓународни конфликти, глад и егзодуси. По повеќе години поминати пренесувајќи ги овие слики на другиот крај од светот, тој тргнува на едно ново патешествие – откривајќи недопрени територии на флора и фауна, и на грандиозни предели како дел од еден огромен фотографски проект кој ѝ оддава почит на убавината на земјата – проектот „Генезис“. Животот и делото на Салгадо ни го откриваат неговиот син, Хулиано, кој го придружува на последните патувања, и Вим Вендерс, кој и самиот е фотограф. СОЛТА НА ЗЕМЈАТА ја освои Специјалната награда во програмата Извесен поглед („Un certain Regard“) на Канскиот Филмски Фестивал во 2014 година и беше номиниран за Оскар за Најдобар документарен филм. Неодминлив филм за секој оној кој ја сака фотографијата и кој верува дека „чинот на гледање“ не е проста даденост, а дека сликите кои траат – за да се пронајдат, првo треба да се побараат.

 

Во среда (29 мај) публиката ќе може да го погледне СОБА 666 (1982):

За време на 35-тиот Кански филмски фестивал во мај 1982 год., Вим Вендерс поканува група од 15 интернационални режисери да одговорат на неколку прашања за иднината на филмот, еден по еден, во истата хотелска соба (соба бр. 666, Хотел Мартинез). Главното прашање што неговите колеги треба да го одговорат гласи: „Дали филмот е јазик кој полека исчезнува, уметност која е на патот да изумре?“ Секој режисер има една 16 мм лента, односно 11 минути да одговори на прашањето. Во општествените науки смислата на стандардизацијата е дека секој човек е изложен на истото искуство при прашањето, така што разликите во одговорите можат да бидат коректно интерпретирани единствено како разлики меѓу луѓето, наместо разлики во процесот на продуцирање на одговорите. Во СОБА 666 се вклучени и европски автори и холивудски режисери, со наративни и експериментални приоди, мажи и жени кои работат во филмската индустрија и кои ги претставуваат своите филмови или се просто присутни на 35-тиот Кански фестивал. Режисерите доаѓаат од Франција, Италија, Бразил, Либан, Германија, Турција, Филипините и САД, а меѓу нив се Антониони, Херцог, Фасбиндер, Годар… Филмот кој беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2006 претставува продлабочена рефлексија за иднината на филмот од некои од најголемите режисери на нашето време.

 

Ретроспективата ќе заврши во четврток (30 мај) со ПИНА (2011):

Пина Бауш претставува икона на современиот танц. Славна како Исадора Данкан (Isadora Duncan) или Марта Греам (Martha Graham), таа го револуционализираше јазикот на танцот. Создадени за да поттикнат емоција кај гледачот, уникатните мултимедијални креации на Пина нудеа неспоредливо визуелно искуство. Идејата на Вендерс, роденa заеднички со Бауш, беше да снимат филм за танцот каков што не сме виделе дотогаш, филм кој би можел да го позајми најдоброто од новата 3Д технологија (која Вим со нетрпение ја очекуваше) за да му ја подари „третата димензија“ на танцот на филмското платно. Снимањето на филмот беше прекинато од ненадејната смрт на Пина во 2009 година. По извесно двоумење, Вендерс се решава да продолжи со работа на проектот и, зедно со нејзиниот ансамбл Tanztheater Wuppertal Pina Bausch, да сними филм кој нема да биде само филм-омаж за една од најголемите кореографки на нашето време, туку и филм кој низ филмскиот јазик и низ еден филмски поглед најдобро би можел да го „оживее“ светот на танцот. Во време кога на 3Д технологијата примарно беше гледано од комерцијален интерес, Вендерс поставува едно поинакво прашање: На кој начин технологијата може да му служи на погледот и, ако постои разлика помеѓу тоа „да се гледа“ (looking) и „да се види“ (seeing), за каква иднина на гледањето ќе се одлучиме?

Related Post