ФИЛ(М)ОСОФИЈА ЗА ДЕЦА

со д-р Јоана Хокен (Johanna Hawken) од Франција
Стручен соработник: д-р Мартин Поповски

Програмата е организирана со поддршка на УНЕСКО катедрата: практикување
филозофија за деца, основа за интеркултурен дијалог и општествени промени и
нејзиниот раководител − проф. д-р Едвиж Ширутер (Edwige Chirouter) од Франција

Како би изгледала една филозофска практика со деца инспирирана од филмот?
И, како, во францускиот „град на филозофијата“, Романвил, се работи филозофија со граѓани од сите возрасни групи и различна животна преокупација во „Куќата на филозофијата“ (Maison de la philosophie)?
На крајот, какви би можеле да бидат придобивките од практикувањето на филозофијата со деца, дисциплина и практика која сесрдно ја препорачува и поттикнува УНЕСКО?

 

 

Специјална гостинка во Едукативната Програма:

Jоана Хокен (Johanna Hawken) од Франција е доктор по филозофија
и практичар чија страст за филозофијата и за светот на детството се поврзани во цврстото убедување за можноста од создавање филозофско образование за деца (од 5-16 годишна возраст). Водена од ова убедување, таа организира филозофски работилници низ цела Франција од 2009 год., а особено во Романвил (источен Париз) каде што ја создава „Куќата на филозофијата“ (Maison de la philosophie) – експериментална структура посветена на филозофските практики со различни групи граѓани. Хокен има објавено повеќе книги од областа на филозофијата за деца, а во сите нив се огледува нејзиното верување дека филозофијата може да биде од корист за сите деца, овозможувајќи им вистински да ги пресретнат промените, низ заедничка рефлексија и во дијалог за нашето заедничко постоење.

 

настаните во овој сегмент од Програмата се организирани со поддршка на Француски институт – Скопје

 

03 Мај (петок)

09:00 – 10:00
Филозофска работилница за деца: „Дали имагинацијата е моќна?“ (настан од затворен тип)
Настан со деца од француска паралелка во ОУ „Димитар Миладинов“ за демонстрација
на методот

12:30 – 14:30
Предавање: „Филозофијата за деца и истражувањето на светови“ 
Свечена сала на Филозофски факултет – Скопје

Воведно предавање на д-р Јоана Хокен за Филозофијата за деца, како и споделување на искуството од воведувањето на оваа филозофска практика во Франција (фокус: Куќа на филозофијата).

16:30 – 19:30
Работилница: „Фиктивни светови, реални светови: Филозофијата за деца преку филмот“
Француски институт, Скопје

Работилница за наставници, студенти и родители заинтересирани за развојот на критичката рефлексија и креативната мисла кај децата уште од најрана возраст и со интерес за продлабочено истражување или практикување на оваа област. Филозофијата за деца како дисциплина е широко промовирана во светски рамки од страна на УНЕСКО, а работилницата на која ќе учествуваат околу 20 учесници е втора работилница за Филозофија за деца организирана во нашата земја (првата беше во рамките на ФФФ 2018 со Дејвид Ларсон, Данска).

ФИКТИВНИ СВЕТОВИ, РЕАЛНИ СВЕТОВИ: ФИЛОЗОФИЈАТА ЗА ДЕЦА ПРЕКУ ФИЛМОТ
Честопати си мислиме дека филозофијата е една рационална, сериозна и херметичка дисциплина која размислува во еден апстрактен и крут свет. Но, во реалноста, филозофирањето, а особено со децата, претставува истражување на прашањата кои сите ние си ги поставуваме – прашања за животот, за светот, за луѓето. Покрај филозофијата, и филмот, исто така, се запрашува за егзистенцијата, но преку фикција. Преку неговата фиктивна, лудичка и истражувачка форма тој претставува една скапоцена основа за иницирање на филозофската практика со децата.

 

19:30 – 21:00
Проекција на францускиот документарен филм за филозофската практика со деца
ОВА Е САМО ПОЧЕТОК (Just a Beginning / Ce n’est qu’un debut, 2010)
реж. Жан-Пјер Пози / Jean-Pierre Pozzi (FR), 97’

Француски институт, Скопје (слободен влез, ограничен капацитет)

ОВА Е САМО ПОЧЕТОК ги следи часовите со децата од една градинка во период од две години. Но ова се многу необични часови бидејќи децата, на возраст од 3 до 5 години учат… филозофија! Седејќи во круг околу ритуалната свеќа, децата им пристапуваат на универзалните теми на љубовта, моќта, разликите, растењето, смртта и други теми на иновативен, забавен, а понекогаш и безмилосен начин. Малку по малку, филозофската работилница станува привилегиран момент каде секое дете размислува за зборовите на другите, учи да слуша и како да влезе во дијалог со соучениците. Од сега ќе можат да размислуваат сами! Со своите чувства, необични експресии и контрадикторности, децата во оваа градинка се пример за еден иновативен експеримент. ОВА Е САМО ПОЧЕТОК е филм за една извонредна приказна на едно училиште свртено кон иднината.

 

 

 

 

08.05 (среда), 12:00 – 14:00
Фил(м)ософија за деца (8-9 години) со д-р Мартин Поповски
Џебно кино, МКЦ (настан од затворен тип)

Средба со филозофијата преку филмот за најмалите. Модераторот, д-р Мартин Поповски, ќе аплицира дел од техниките во експериментален филм-философија час со клас од Француското интернационално училиште EFIS во Скопје, по гледањето на кус анимиран филм за деца кој ќе инспирира креативна и критичка рефлексија на некои од темите во филмот.